Press

рамнотежа помеѓу субверзивноста и конструктивноста

Образложение зошто Ненад Величковиќ ја доби главната награда на книжевниот фестивал „Друга приказна“ во 2019 година

Добитник на Главната награда на четвртото издание на фестивалот „Друга приказна“ е Ненад Величковиќ, писател од Сараево, Босна и Херцеговина. 

Претходни добитници на наградата беа Давид Албахари, Влада Урошевиќ и Оља Савичевиќ Иванчевиќ.

Она што на прв поглед фасцинира во целокупниот опус на Величковиќ и можеби најдобро го разоткрива неговото разбирање на книжевноста е непосредниот допир меѓу тривијалното (популарното, „народното“) и ученото, сериозното, историското, „канонското“… Како целата негова книжевна пракса да се состои од „штепање“, зашивање или премостување на тие два наизглед неспоиви брега (кои, всушност, книжевно-историски гледано, постмодернизмот најмногу ги доближи).

Величковиќ ги помирува поларностите и на други начини; на пример, наизглед лесно и духовито пишува за исклучително тешки теми – за последиците во душите на луѓето од страшните војни во Југославија во деведесеттите. Во неговите раскази и романи суптилно се допираат траумата, хуморот и поезијата; фикцијата се меша со документаризмот, автобиографското со есеистичкото, рефлексијата со приказната, меланхоличното со смешното, тривијалното со трагичното, травестијата со критиката…

Величковиќ е, треба да се нагласи, и извонреден и немилосрден книжевен критичар. Неколку негови критички есеи (на пример, „Злочин и Караказан; сликата на другиот во романот „Вознесение“ на Воислав Лубарда) не само што се антологиски и академски примери за книжевен критички есеј, туку се и историски документ со кој подлабоко се разјаснуваат причините за војната во Југославија во деведесеттите.

Освен комплексниот и разгранет книжевен и критички опус, Величковиќ има и големо искуство во „алтернативните“ и „официјалните“ образовни книжевни практики кои често се занимаваат и со тоа која книжевност треба да биде „канонска“ („национална“, школска), а која да биде „на маргините“. Неговата образовна пракса има активистичка димензија, и во суштина е бунтовна и превратничка, бидејќи Величковиќ образованието (а не литературата, се чини) го смета за „општествена база“, нешто од каде што работите можеби би можеле да почнат да се менуваат во нашиот измрцварен регион составен од „темни вилаети“.

Таа комплексност во општественото делување, храброста, принципиелноста, одличноста… – се причините за одлуката токму Ненад Величковиќ да биде годинешниот добитник на наградата „Друга приказна“. Тој, значи, не е само врвен книжевник, веќе дваесетина години еден од најценетите во регионов, не само што суверено ги владее книжевните форми (романот, расказите, песните…), не само што исчекорува од границите на текстот правејќи ја книжевноста „мултимедијална“ – отворена, провокативна и, на моменти, експериментална – туку Величковиќ е и активист и учител во најблагородната старинска смисла на зборот: некој кој се грижи за ресурсите на знаењето, за неговата достапност и континуитет.

Ненад Величковиќ, значи, на многу начини се надоврзува на овогодишната фестивалска тема „На маргините“ со која имаме за цел да разговараме за маргините како физичка или ментална ситуираност или светоглед. За маргините како политички, географски, стратешки, општествен, културен, егзистенцијален, поетички или книжевен феномен. Маргината има за цел да одржува рамнотежа помеѓу субверзивноста и конструктивноста, да ги предизвикува на редефинирање констелациите на моќ. Таа е неопходна за постоењето на центарот и го дефинира, постојано ја напаѓа неговата стабилност, без притоа да има намера да го замени.

***

Величковиќ е роден на 2 мај 1962 година во Сараево, каде што и дипломирал во 1986 година на Филозофскиот факултет, на Одделот за југословенска книжевност и српскохрватски јазик. Магистрирал со тезата „Политичкиот театар на Душан Ковачевиќ“. Од 1999 до 2007 година бил сопственик на книжевната работилница Омнибус, за која има уредено над 20 книги. Тој е еден од иницијаторите на ужичкиот книжевен фестивал „На половина пат“, а има отпочнато и уредувано повеќе списанија (Визија, Омнибус, Алчак, ФАН, Книжевен журнал, Школегиум, Текстура). Од 2009 година во својата рубрика Škljocam i zvocam на интернет изданието на Deutsche Welle пишува сатирични текстови. 

Докторирал на Универзитетот во Сараево со теза за идеолошката инструментализација на книжевноста со примери од читанките од петто одделение до четврта година средно образование во Босна и Херцеговина. Со улогата на книжевноста во образованието се занимава во своите книги „Дијагноза – патриотизам“ и „Школокречина: национализмот во босанските, хрватските и српските читанки“. Работи како професор на Катедрата за српска книжевност на Филозофскиот факултет во Сараево. Член е на босанскиот ПЕН центар.

Автор е на книгите: Konačari (роман, 1995), Đavo u Sarajevu (збирка раскази, 1996), Sexikon/Sexpresionizam (проза, 1998), Sarajevski gastronauti (проза, 1999), Sahib: Impresije iz depresije (Сахиб: импресии од депресијата, роман, 2001, објавен и на македонски во издавачката куќа „Икона“), Otac moje kćeri (роман, 2002), Viva SEXICO (2006), 100 zmajeva (роман, 2007), Dijagnoza-patriotizam (есеи, 2010), Vremenska petlja (роман, 2011), Školokrečina: nacionalizam u srpskim, hrvatskim i bošnjačkim čitankama (збирка сатирични есеи, 2012), Vitez švedskog stola (Витез на шведската маса, збирка раскази 2013, објавена и на македонски во издавачката куќа „Темплум“).

Никола Гелевски, во име на редакцијата на фестивалот „Друга приказна“, во Скопје, во септември 2019 година